За нас


Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати е основана со Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/08, 35/11, 84/12, 43/14 и 83/18).

Дирекцијата е орган на државната управа кој е единствено надлежен и овластен за формирање, одржување, чување и продажба на задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати на Република Северна Македонија. Дирекцијата за својата работа одговара пред Владата на Република Северна Македонија.

Задолжителните нафтени резерви се формираат со цел Република Северна Македонија  да обезбеди високо ниво на сигурност и безбедност во снабдувањето со сурова нафта и/или нафтени деривати, односно за обезбедување на услови за интервентно снабдување на пазарот со нафта и нафтени деривати, во случај на нарушување на енергетската сигурност на државата предизвикана од пореметувања во снабдувањето со нафтени деривати од поголеми размери.

Со цел да се изврши усогласување на македонското законодавство со законодавството на Европската Унија во сегментот на безбедноста во снабдувањето, односно заради усогласување со Директивите на ЕУ кои ги обврзуваат земјите членки да одржуваат минимални залихи на сурова нафта и/или нафтени деривати, што е битна претпоставка во процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ, беше донесен Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати во кој е извршено транспонирање на Одлуката 68/414/ЕЕЗ и Директивите 73/238/ЕЕЗ и 2006/67/ЕЗ. Овој закон отпочна да се применува сметано од 2009 година и истиот се очекува да биде во примена до 31.12.2018 година.

Со оглед дека Советот на ЕУ во 2009 година донесе нова директива за нафтени резерви, Република Северна Македонија повторно изврши усогласување со европското законодавство при што изврши транспонирање на Директивата 2009/119/ЕУ во новиот Закон за задолжителни нафтени резерви („Службен весник на Република Македонија“ бр. 144/14, 178/14, 199/15 и 197/17).  Овој закон треба да отпочне да се применува сметано од 01.01.2019 година.

Формирањето, чувањето, обновувањето и користењето на задолжителни резерви се однесува за еден или повеќе од следните видови производи:

– сурова нафта;

– сите видови моторни и авио бензини;

– сите видови дизел гориво и керозин;

– ЕЛ – масло за домаќинство;

– ТНГ;

– мазут.

Надлежности
Управување и раководење

Органограм

Листа на вработени во ДЗРННД